Следната недела пристигнуваат вакцини против голема кашлица - еве кој треба да се вакцинира

Тестирање на голема кашлица на територијата на целата држава, засилени контроли на Државниот санитарен и здравствен инспекторат во градинките за откривање невакцинирани деца и дигитална евиденција за сите вакцинирани, се препораките од Комисијата за заразни болести.

Доктор Злате Мехмедовиќ, портпарол на Комсијата за заразни болести, извести дека се регистрирани вкупно 123 лица заболени од голема кашлица во земјата. Од нив, 120 лица се од Скопје, а спорадично по еден случај има во Тетово, Дебар и во Струмица. Иако сè уште не може да се каже дека состојбата се разгорува на национално ниво, Комсијата препорача тестирање на голема кашлица да се прави и надвор од Скопје.

„Да се овозможи тестирање на ниво на целата држава за пертусис, кое ќе биде спроведувано од центрите за јавно здравје, препорача Комсијата. Досега таква можност немаше. Во другите градови се работеше микробиолошко култивирање, кое е поврзано со изолацијата на пертусисот, меѓутоа сега препорачавме да се овозможи и ПЦР-технологија, која ќе биде достапна за другите градови во државата за да може нивните материјали да се обработуваат во локалните центри за јавно здравје“, рече Мехмедовиќ.

Освен тестирањето, Комисијата препорача Државниот санитарен и здравствен иснпекторат да прави засилени контроли во градинките за откривање нецелосно вакцинирани и невакцинирани деца. Таквите деца, според препораките, треба да бидат изолирани и да не им се дозволи влез во градинките за заштита, пред сè, на нивното здравје, но и здравјето на другите.

На состанокот на Комисијата за заразни болести добила известување дека на 15 март ќе пристигнат првите дози вакцини за возрасни за заштита од голема кашлица наменети, пред сè, за лица што живеат или работат со деца под две години и за трудници во последниот триместар од бременоста за да се овозможи имунитет за бебето во првите два месеца од раѓањето.

Двосменското работење на вакциналните пунктови продолжува и во следниот период. Од 18.1 до 29.2. 2024 година по препораката на Комисијата за заразни болести, а по наредба на Министерството за здравство, вакциналните пунктови работат во две смени, а аплицирани се вкупно 22.395 дози вакцини.

Комисијата ги повика родителите да ги вакцинираат децата и да го следат календарот за задолжителна вакцинација.