Скопје 8 години е без луна парк, нема ниту абер дека ќе се изгради наскоро

Градскиот парк во Скопје секој ден е преполн со посетители. Паркот врие од деца, но луна парк, омиленото место за забава на најмладите, веќе осум години нема. Вратите од капијата на некогашниот луна парк се затворени и обраснати со трева, а новиот влез никако да проработи, објави ТВ21.

Улицата која од арената води кон паркот е изрешетена со дупки на секој чекор и со години така стои. По патот има расфрлено ѓубре, пластични шишиња и кеси. Се слуша и звук од градежни работи, но тоа не се од луна паркот туку од околните дискотеки кои се подготвуваат за новата летна сезона.

Дискотеките според проектот кој никако да се реализира требаше да се турнат и на нивно места да има повеќе простор за забава на најмладите. Но, тие работат секое лето, а луна паркот е обраснат со треви и запуштен. Внатре стојат неколку од старите реквизити кои сè уште не се расипани, како што се вовчето и вртелешката. Вртелешката со години беше во Општина Аеродром, кај паркот со авионче, но пред неколку месеци беше тргната од таму и сега скапува во затворениот парк.

Луна паркот беше затворен во 2017 година во маднат на ексградоначалникот Коце Трајановски, кога почна да се гради нов. Се успеа да се изгради само влезната капија, која е во барок стил и беа набавени неколку реквизити. Со доаѓањето на функција на Петре Шилегов градежните работи беа стопирани и беше кажано дека ќе се прави нов проект. Тогаш беше кажано дека во паркот ќе има реквизити не само за деца туку и за возрасни, како што се панорамско тркало, ролеркостер, тајфун, пиратски брод, рингишпил и со тоа ќе привлече голем број туристи. Но, во време на Шилегов оваа идеја остана само на хартија.

Со доаѓање на градоначалничката Данела Арсовска работите исто така не се мрднати од место. Таа по доаѓањето на функција рече дека ќе го продолжи проект на Шилегов, но во меѓувреме ќе се стави паркот во фунција со реквизите набавени од Трајановски. Но, ништо од тоа не се случи и луна паркот и натаму е затворен.

Од Град Скопје не добивме одговор на нашите прашања кога ќе почне да се прави новиот луна парк и што се презема за овој проект.

Во меѓувреме во Скопје постои див забавен парк на просторот кај салата „Борис Трајковски“. Веќе десет дена поставени се рингишпил и уште неколку други реквизити, а за тоа нема добиено никаква дозвола. Министерството за внатрешни работи, Пазарната инспекција и Управата за јавни приходи на 20 мај во заедничка акција утврдија дека забавниот парк има низа нерегуларности и затоа не смее да работи и треба да се отстрани. Но, оттогаш поминаа пет дена, а реквизитите уште не се тргнати.