Штети од вчерашниот пороен дожд во неколку скопски општини, ЦУК апелира на внимателност

Центарот за управување со кризи (ЦУК) вчера информираше за серија дојави за поплави и штети предизвикани од поројни дождови, град и силен ветер низ целата држава. Во Липковскиот регион, поради обилните врнежи на 21.05.2024 година, се зголеми нивото на Липковска Река, што доведе до заматување на водата за пиење.

Како резултат на тоа, на 22.05.2024 година, беше прекината дистрибуцијата на вода до граѓаните се до расчистување на состојбата. Инспекциските служби и Центарот за јавно здравје Куманово веднаш излегоа на терен за да извршат увид и да земат мостри за анализа. Граѓаните беа предупредени да не ја користат водата од водоводот за пиење, препорака што медиумите брзо и ефикасно ја пренесоа.

Општинскиот штаб за заштита и спасување во Куманово, на седницата одржана околу 12:00 часот, донесе заклучоци и препораки: водата во водоснабдувачкиот систем е заматена и треба да се користи како техничка вода или да се зоврие пред употреба. Препораката останува во сила до добивање на безбедносно уверение за водата.

Во Општина Ранковце, врнежите предизвикаа зголемување на водостојот и излевање на Крива Река во с.Опила, поплавувајќи ниви и импровизирано игралиште. Општина Ранковце најави мерки за расчистување на коритото по повлекување на водата. Во Кратово, поради излевање на Крива Река, дел од патот кај месноста „База“ е поплавен, со висина на водата од околу 30 см, што го отежнува сообраќајот.

Регионалниот ЦУК Скопје информираше дека преку бројот за итни случаи 122 добиле дојави за поплави во различни општини:

Во 13:41 часот, поплава на земјоделско земјиште по излевање на Маркова Река, близу мостот на ул. „Горно Лисиче“ (Општина Аеродром);

Во 13:41 часот, каналот на ул. „Финска“ во населбата „Ченто“ е затрупан и обраснат со дива вегетација, поплавувајќи подрумски простории (Општина Гази Баба);

Во 15:00 часот, поплавени дворови и подрумски простории на ул. „Драчевска“ поради запушени одводни шахти (Општина Кисела Вода);

Во 17:50 часот, поплавени подрумски простории на ул. „Ниџе Планина“ бр. 19 (Општина Кисела Вода).

Во Општина Чучер Сандево има пријави за оштетени куќи и возила во селата Блаце и Бродец. ЦУК ги проследи сите дојави до локалните самоуправи за понатамошна постапка. Во с. Уларци, Општина Чешиново-Облешево, поројните врнежи предизвикаа преполнување на каналите за наводнување, поплавувајќи дворови и објекти. Комуналното претпријатие работи на расчистување на каналите со помош од соседните општини.

ЦУК препорачува внимателност при појава на нагли метеоролошки промени, да се избегнува движење во засеци и речни корита, и да не се престојува на отворен простор при грмежи и молњи. За сите итни случаи, граѓаните можат да се јават на бројот за итни случаи 112, особено во животозагрозувачки ситуации.