Шилегов за тревникот на плоштад: Наместо згради, создаваме зеленило

Градоначалникот Петре Шилегов, градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ и претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева, денеска го промовираа новиот плочник кој се наоѓа помеѓу влезот на ГТЦ и градскиот плоштад и претставува едно модерно урбано место каде што граѓаните на Скопје, но и сите посетители на градот, ќе сакаат почесто да поминуваат.

- Воведуваме нови стандарди во уредувањето на јавниот простор во Скопје. Овој простор пред само неколку месеци го препознававме како местото каде што на првиот посилен дожд се собираше вода на пропаднатиот асфалт која ни го ограничуваше движењето. Овој простор заедно со зелениот покрив на ГТЦ го претставуваат всушност новиот стандард за изгледот на јавниот простор во нашиот град и се вклопуваат еден во друг, со цел на нас и на граѓаните на целата држава им бидат простор на којшто може да поминат убави моменти. За реализацијата на овој проект од градскиот Буџет потрошени се околу 33 милиони денари со вклучен ДДВ – рече Шилегов.

Тој додаде дека тука е и местото каде што е родена Мајка Тереза која при посетата на Скопје во почетокот на 80-тите години, заедно со тогашниот скопско-призренски бискуп Јоаким Хербут и тогашниот градоначалник Методи Антов, засадиле 3 дрвја во малото паркче, кои се уште се таму.