„Сè додека со наши пари се слави воен бунт против Македонија, конфликтот можете да го сметате за незавршен“, вели Ванковска

Професорката Билјана Ванковска објави нов статус на фејсбук кој предизвика голем број реакции.

- Сè додека со наши пари се слави воен бунт против државата, се амнестираат оние кои дигнале пушка против своите, не се спомнуваат „исчезнатите“, нема попис на загинатите, се сквернават споменици и спомен плочи на оние кои ја бранеле државата, а до небо се воздигнуваат триумфалистички споменици за „победата од 2001“, сè додека нема жалење, каење и извинување за злоделата - сè дотогаш конфликтот можете да го сметате за незавршен, вели Ванковска.

Професорката смета дека ништо не е научено од минатото.

- Без транзициска правда, соочување со минатото, барање прошка и помирување - ни мртвите не почиваат во мир, ниту живите гледаат иднина. Уште некоја година и четврт век ќе мине, а деца пораснаа без да знаат низ што минавме и какви се општествените, политичките и правните последици. Едните свесно молчат и веднат глава, додека „победниците“ дрдорат будалштини за „мултиетничка демократија“ вдомувуваји си потесна и поширока фамилија. Пред неколку дена, на конференцијата, зборувавме дека немаме (како другите држави) попис на жртвите/учесниците од Илинден, жртвите на холокаустот од Македонија, и генерално од двете светски војни - а ние всушност немаме попис ниту на оние кои загинаа пред 22 години! Да се знае барем за што гинеа, кои гинеа, како ги закопаа во заборав, како нивното спомнување станува „говор на омраза“, вели професорката.