Само двајца кафеанџии платиле за летните тераси во Центар, останатите газди бараат олеснувања

Кафеанџиите од скопско Дебар Маало доставија барање до Општина Центар да се измени Правилникот за поставување на летни тераси донесен од ексградоначалникот Саша Богдановиќ. Овој правилник беше донесен пред две години со цел да се воведе ред во поставување на маси и столици, да не може на кој како ќе му текне да поставува урбана опрема, да го заградува јавниот простор и да нема место за движење за пешаците.

Годинава Општина Центар има наплатено нешто повеќе од 100.000 денари надоместок за поставување на кафеански маси и столици на јавен простор. Надоместокот за летна тераса го имаат платено само двајца кафеанџии. Другите се жалат дека немаат пари поради ограничувањата од коронакризата.  

Кафеанџиите бараат да се дозволи поставување на маси и столици и на површина со помала ширина од 1,5 метар, (сега е дозволено минимумот да биде 2,5 метри), да не се бара согласност од станари за летна тераса, да се постават платформи на земја, како и да се откупи паркинг простор на „Паркинг Општина Центар“ за да се стават дополнителни маси.

Извор: СДК