Родителите изложени на дополнителен трошок - самите купуваат прочистувачи на воздух за училниците

Додека Владата прави стратешки планови, граѓаните се самоорганизираат. Загрижени за здравјето на своите деца и за последиците што може да ги предизвика аерозагадувањето, родителите се изложуваат на дополнителен трошок и самите купуваат прочистувачи на воздух за училниците, пишува Независен

Некои веќе купиле, други пак масовно се организираат, собираат пари, а во меѓувреме разгледуваат модели, ама и цени. Важно им е децата додека се на училиште да дишат почист воздух. Спремни се да инвестираат и во одржувањето на прочистувачот, да ги менуваат филтрите што ќе треба да ги докупуваат по една година.

„Разменуваме искуства за прочистувач на воздух со родителите од друго одделение кои веќе купиле, мораме што побрзо да набавиме за доброто на децата“, вели Сања, мајка на ученик во скопско основно училиште, во изјава за Независен.

„Сега собираме средства, гледаме да купиме поквалитетен прочистувач, со повеќе филтри, инвестиција што ќе даде резултат. Не е проблем секое семејство да одвои од 300 до 500 денари за да купиме прочистувач, ама со тоа нема целосно да го решиме проблемот. Ја измеривме квадратурата на училницата за да одговара капацитетот на прочистувачот. Сами ќе си го одржуваме, заинтересирани сме за еден што чини речиси 10.000 денари“, вели Андреј, татко на првачето Матеј.

Прочистувачите на воздух во продавниците за бела техника се продаваат како алва, велат продавачите. Во дел од маркетите имаат резерви од повеќето брендови, во други немаат на резерви од сите апарати. На муштериите важно им е прочистувачот да го чисти воздухот од штетните честички ПМ 2,5 и ПМ 10. Изминативе две години има пораст на побарувачката, а прочистувачи најмногу купуваат граѓаните кои имаат мали деца.