Реџепи: Општините нека платат 24 часа обезбедување во училиштата, нека се донесат метал детектори

Активистот Јасмин Реџепи со став на тема дојави за бомби, откако повторно утрово се вршеше евакуација во повеќе образовни објекти во Скопје. 

Еве што вели тој: 

Веќе не знам по кој пат учениците и наставниците од ОУ Кирил и Методиј - Центар биваат тероризирани со дојави за бомби. Не знам кој се зеза вака со стотици дечиња, ниту знам дали државава има капацитет да го фати, ама знам дека во случај да биде фатен, ниту еден затвор во земјава нема да му биде спас.

Ја повикувам Владата да донесе закон и парламентот да го изгласа, а во кој ќе стои дека тој за кој судот ќе докаже дека ги правел овие терористички дејствија, ќе биде казнет со десет доживотни робии, без разлика дали е малолетник или возрасен граѓанин. А доколку обвинетиот е малолетник, со истата казна да бидат осудени неговите родители, поради небрежност и немање контрола врз своите деца.

Овој тежок терор врз илјадници деца од повеќе училишта во Центар, Чаир и други места во Скопје, мора да биде откриен и најстрого казнет!

Исто така, Владата нека не штеди пари од буџетот, кој е наш, на граѓаните, нека плати светски водечки експерти од ИТ секторот за да извршат претраги, истраги, чуда, за да се најде сторителот.

Општините нека платат 24ч обезбедување во училиштата, нека се донесат метал детектори, за да може да се превенира можноста за поставување бомба, за да се осигура секое училиште дека ваквите дојави се лажни.

И на крај, ако нема абер од гореспоменатите, дај не отварајте ги тие мејлови за време на настава, туку после часови, така ќе им пропадне зезанцијата и ќе престанат да се глупираат кога ќе нема ефект.

Во спротивно, ќе нема друго чаре освен идејата на некои родители, а тоа е бојкот на наставата, поради не превземање ништо од страна на централната и локалната власт.