Првенец на генерација на Факултет за безбедност со просек 9,93 бил одбиен за работа од МВР?

Александар Стојановиќ на неговиот профил на Фејсбук објави дека аплицирал за работа во Министерството за внатрешни работи (МВР) во 2021 година, а одговор добил дури две години подоцна.

Стојановиќ прашува зошто првенец на генерација на Факултет за безбедност со просек 9,93 и чисто минато бил одбиен за работа како извршител со високо образование од областа на безбедноста.

Во продолжение следи неговата објава на фејсбук.

- Поминаа скоро две години откако аплицирав за вработување во Министерството за внатрешни работи, како извршител со високо образование од областа на безбедноста. Документите ги поднесов на 03.08.2021, за пред некој ден, на 23.06.2023 година, да добијам одговор дека НЕ сум избран за натамошна постапка за вработување во МВР, при што документите ми беа вратени на домашна адреса.

И се запрашав зошто сум одбиен? Дали е поради тоа што сум преквалификуван за да работам во МВР или во било која друга безбедносна служба во земјава?

Се запрашав како може првенец на генерација на Факултет за безбедност  - Скопје, со просечен успех од 9.93, со кристално чисто минато, да биде одбиен?

Се запрашав како може системот толку да потфрли и да не ги регрутира по автоматизам ваквите професионални кадри, кои макотрпно и деноноќно вложувале труд и се жртвувале за своето професионално и стручно усовршување?

За жал, сведоци сме на една апокалиптична општествена деградација, каде вистинските вредности и доблести веќе не се применуваат, каде владее состојба на аномија и социјално безредие. За наша несреќа, живееме во општество кое самото од себе генерира институционален криминал, каде неуките им ги земаат местата на оние кои вложиле во своето образование, каде стручноста и професионалноста се заменуваат со нестручност и непрофесионалност.

Сведоци сме на разни форми на корупција, непотизам, кронизам, партиски полтронизам и други срамни форми на уривање на здравиот општествен поредок.

Многу сум тажен што морам ова да го кажам, меѓутоа во последниве десетина години, а сигурно и повеќе, МВР и останатите безбедносни служби во Македонија функционираат врз принципот на функционирање на мали семејни и пријателски компании, при што одредени поединци ги сфаќаат овие институции како можност за вработување на своите роднини, пријатели и верни партиски послушници.

Но едно нешто мора да биде јасно, доколку продолжи овој тренд на уништување, криминализирање и депрофесионализација на институциите, тогаш дефинитивно сме осудени на пропаст.

Што направија сите оние кои досега беа и кои се уште се на власт? За жал ништо, единствено нешто во кое имаа успех е протерувањето на сите млади и способни интелектуалци од државата. Дозволија земјава да ја напуштат многу млади доктори, економисти, архитекти, електро инженери, машински инженери, правници и уште многу други млади луѓе од сите останати струки. А што оставија за нас? Оставија пустош, квази научници, квази министри, квази функционери, квази професорчиња, квази општество.

Не го пишувам ова за да добијам внимание и вработување, не, тоа повеќе не ми е потребно, бидејќи како професионалец успеав да се вградам во приватниот безбедносен сектор. Го пишувам ова поради револт и незадоволство од институционалниот систем, од луѓето кои се на чело на институциите, од неправдата која им е нанесена на младите генерации. Го пишувам ова со цел сите луѓе да ја слушнат вистината.

Оливер Спасовски каде заминаа ветувањата кои како министер за внатрешни работи ни ги дадовте на првиот академски час на Факултет за безбедност - Скопје, пред скоро 7 години, на 15.09.2016 година? Не знам дали се сеќавате, но рековте дека најдобро рангираните 5 студенти по просек од Факултет за безбедност - Скопје, ќе бидат директно вработени во МВР и во останатите безбедносни служби во земјава. Времето докажа дека тоа се само празни зборови и дека реалноста е дијаметрално спротивна. Не само што првите 5 најдобро рангирани не се вработени, туку и првиот најдобро рангиран не е вработен. Срамно и понижувачки.

Никола Дујовски за жал ги претворивте дипломираните криминалисти во костуми на закачалки, бидејќи очигледно ни вие, а ниту безбедносните институции, не сакате истите да ги ставите во употреба. Зошто? Бидејќи помеѓу тие костуми има многу млади и храбри луѓе, кои се подготвени за промени и кои си ја сакаат земјата, чија цел не е збогатување и кои не се водени од егоистични побуди. Со нетрпение ги очекувам вашите одговор, објави Александар на фејсбук.