Проработи филтерот, но печката на Дрисла не ги исполнува стандардите

Печката која го согорува медицинскиот отпад во Дрисла конечно проработе. На вработените им требаа 15 дена да го поправат филтерот кој ги прочистува издувните гасови. Од депонијата соопштуваат дека сите проблеми се санирани. Поставен е и ладилник во кој ќе може да се складира дополнителен отпад во случај печката повторно да се расипе во иднина, пренесува Канал 5.

„Во периодот кога печката беше вон употреба, медицинскиот отпад кој се примаше на депонијата Дрисла беше привремено складиран во ров обложен со геомембрана и геотекстил согласно законските прописи за привремено складирање на опасен отпад со капацитет од 150м3. Вкупната количина на медицински отпад кој беше примен и складиран во ровот е 33 тони или 90м3.“, соопштуваат од Дрисла.

Ова е прв ваков дефект на филтерот кој беше инсталиран во април минатата година, откако претходно беше утврдено дека печката не ги исполнува стандардите за работа. За поставување нова печка но и друга инфраструктура ќе се чекаат разврските за тоа кој ќе ја преземе Дрисла.

Град Скопје формираше нова комисија која повторно ќе ги разгледува понудите за концесионер, но не прецизираат кога точно ќе се донесе оваа одлука. И заменик министерот Макрадули во многубројните судски спреги ја гледа главната причина поради која нема никакви инвестиции на депонијата.

Она што е проблем на Дрисла е тоа што Управниот суд кога ја врати одлуката на повторно разгледување, комисијата треба да одреди кој ќе стопанисува со депонијата и тоа сите ние го очекуваме бидејќи час поскоро мора да се случи  за да може и поефикасно да се извршуваат работните обврски.“

Италијанската „ФЦЛ Амбиенте“ веќе седум години стопанисува со Дрисла и досега ги нема исполнето обврските за инвестиции вредни над 70 милиони евра како што предвидува договорот. Еко-активистите на протест минатиот петок побараа засилени инспекциски контроли и правилници во согласност со ЕУ стандардите и тврдеа дека во „Дрисла“ нелегално се увезува отпад од странство.