Потресно сведоштво на Ангелов за масакрот кај Карпалак

Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов утрово на социјалните мрежи сподели статус за заседите кај Карпалак.

Пред 22 години на Карпалак загинаа армиските резервисти Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Бранко Секулоски, Марко Деспотоски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Вељаноски, Веби Рушитоски, Горан Миноски и Пеце Секулоски.

- На самиот крај на јули 2001 година на повик за помош, вод специјалци од Тигрите итно упатив кон Тетовско да извлече опкружена мала полициска единица. Командантот на Тигрите Горан Здравковски беше надвор од државата во набавка на специфично оружје.
Вод од дваесетина Тигри со 4 борбени оклопни возила „Хермелин“ и едно теренско возило „Пинц Гауер“ со тревога ја напушти касарната Илинден продолжувајќи по автопатот од Скопје кон Тетово.Во моментот кога колоната борбени возила на Тигрите навлегла во месноста Карпалак врз нив бил отворен жесток оган од куршуми, минофрлачки гранати и проектили од рачни фрлачи на ракети (РПГ). Во тој момент јас, иако триесетина дена претходно тешко ранет во Арачиново, се наоѓав на своето командно место во касарната Илинден, пишува Ангелов во неговиот статус.

Ангелов открива што се случувало кога македонските херои влетале во заседата на УЧК.

- Командирот на вод, херојот Васко Стамевски ми се јави на телефон и силно викајќи, за да можам да го слушнам од пукотниците кои одекнуваа од слушалката на мобилниот телефон, ме извести дека влетале во заседа на УЧК. Сите 4 митралесци од Тигрите жестоко распалиле кон позициите на УЧК со што ја намалиле нивната прецизност. Насилно, без сопирање, со многу избушени гуми, Тигрите со голема брзина се пробивале низ заседата на УЧК. Во еден момент, Хермелинот во кој се наоѓал командирот херој Васко Стамевски бил погоден со ракета од РПГ. Силната детонација го пробила оклопот на возилото, огнениот млаз од ракетата влегол внатре во возилото, од силниот притисок на повеќето Тигри им биле оштетени ушните тапанчиња и почнало да им тече крв од ушите. Подотворената странична врата на Хермелинот врз која паднала вреќичка со песок и поради брзање не успеале да ја затворат до крај, овозможила да се намалили внатрешниот притисок од детонацијата и им го спасила животот. Во истиот момент неотворен сандак со куршуми калибар 7,62х39мм, за автоматски пушки, од пламенот на експлозијата се запалил и силно почнал да гори. Околу него имало куп други сандаци со разни типови на куршуми и експлозивни средства вклучително и рачни бомби, ракети за РПГ, зољи, гранати за автоматски фрлачи на гранати, итн... Од силината на експлозијата возачот херој Раде Колев делумно ја изгубил свеста. Командирот херој Васко Стамевски почнал да вика по него да додава гас на возилото а тој се фрлил на воланот помагајќи му во одржување на правецот на движење... Истовремено Тигарот херој Мите Глигоров, отворил шише кисела вода и почнал да истура врз запалениот сандак со муниција чиј пламен се разгорувал многу брзо. Во секој момент Хермелинот со Тигрите можел да летне во воздух... Добрата обука, храброста, пожртвуваноста, тимската работа и борбеното искуство на Тигрите како и транспортните борбени оклопни возила помогнаа сите полициски специјалци да останат живи. Некои од нив со ослабнат слух, но сите живи. Десетина дена подоцна, на 08 август 2001-та, колона армиски резервисти, по истиот патен правец е упатена кон боиштето во тетовско. На истото место на кое десетина дена претходно храбрите Тигри влетаа во жестока заседа сега минуваше слабо обезбедена колона армиски возила. вклучително и автобус. Неколку секунди подоцна врз армиската колона беше отворен жесток оган од куршуми, минофрлачки гранати и проектили од рачни фрлачи на ракети (РПГ). Еден минибус полн со храбри припадници на армискиот резервен состав бил погоден со ракета од РПГ и почнал да гори, објави Ангелов.