Поскапен прибор и ранци, но и скапа торта за прваче

Родителите кои веќе ги посетија книжарниците во пресрет на учебната година негодуваат од високите цени на ранците и приборот. Последнава седмица ваква понуда има и во голем број маркети. 

Несомнено, секој старт на учебната година носи и дополнителни трошоци за родителите. Најмногу се жалат од цените на ранците и приборот, но, како што велат, дека веќе во првата недела ќе добијат и низа други трошоци околу опрема за физичко, храна, осигурување...

Повеќето општини обезбедуваат бесплатни ранци и прибор за првачињата, но за учениците од другите одделенија родителите, традиционално купуваат ранци чии цени се движат од над 1.000 денари. 

Футролите за прибор, оние кои се полни со боички, моливи и гуми, чинат над 500 денари, зависно од моделот и брендот. 

Дополнително потребни се тетратки, блокови, прибор за ликовно, опрема за физичко, кутија за храна и шише за вода.

- Цените на приборот секоја година поскапуваат. Нема како порано моливче и/или гума од 10 денари. Тетратките, оние што се квалитетки, се 30 денари по парче. Боиците, дрвени, темперни, фломастери, се над 200 денари. Ранец квалитетн тешко се наоѓа под 1.000 денари, споделува една мајка која вели дека има три деца поради што за стартот на учебната година ќе треба да одвои сериозна сума. 

Освен ова, семејствата со прваче се на дилема дали да го следат новиот тренд кој значи торта за прваче. Велат дека, последниве години како задолижтелно да стана да се купи торта декорирана за прваче и да се направи прослава по повод стартот на основното образование. А тоа е дополнителен трошок, иако првачето добива подароци!