„Подвигот на светите браќа нека биде наш патоказ за исполнето живеење“, порача Силјановска Давкова

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова упати честитка по повод 24 Мај, Денот на сесловенските просветители светите браќа Кирил и Методиј. „Подвигот на светите браќа нека биде наш патоказ за исполнето живеење“, порача Силјановска Давкова во празничната порака до јавноста.

Почитувани сограѓани,

Би сакала да упатам најсрдечни честитки по повод големиот празник, 24 Мај, Денот на сесловенските просветители светите браќа Кирил и Методиј.

Од сè срце ви посакувам празникот да го поминете во добро здравје, љубов и хармонија, исполнети со радост и со среќа што имаме можност да ги ползуваме плодовите на великото дело на солунските браќа. Благодарение на нив, словенските народи добија можност да ја развиваат својата духовност, култура, образование, наука. И македонската јазична и културна самобитност, но и светогледот и космополитизмот се втемелени од нивната работа и достигнувања, и од нивното човекољубие.

Светите Кирил и Методиј покажаа дека со знаење, жед за вистината, правдољубивост, посветеност, хуманизам и благородност, можат да се надминат ограничувањата и да се победат неправдите. Историјата на Европа и на светот нема премногу примери на така влијателни личности коишто имаат оставено печат на своето време, но и патоказ за иднината и кои се светилници на човечката цивилизација. Затоа нивното дело и по еден цел милениум не бледнее и не губи на значење.

Нека подвигот на светите браќа и понатаму бидe наш патоказ и морална и духовна вертикала за достоинствено и исполнето живеење, творење и создавање.

Нека ни е честит и вековит 24 Мај, Денот на Св. Кирил и Методиј.