По неколку вандалски напади, целосно ја снема таблата на болдер-ѕидот во Битола со обележјата на донаторот Бугарија

Информативната табла на која се испишани имињата и знамињата на државите кои учествуваа во изградбата на болдер-ѕидот во Градскиот парк во Битола, по неколку вандласки напади во низа, денеска целосно ја снема.

Пред извесно време со самолепливи ленти беше прекриено местото каде што стоеше името на донаторот на информативната табла, Министерството за надворешни работи на Бугарија.

Потоа непознати сторители ја искршија информативната табла. Беше искршено стаклото само во делот каде што стоеше логото на бугарскиот донатор, додека оставени беа знамињата на Македонија и на Европската Унија.

Уништен беше текстот на кој пишуваше дека е „Бугарска помош за развој на министерството за надворешни работи преку Генералното конзулство на Република Бугарија во Република Северна Македонија Битола-2022-2023 година“, а дополнително беше уништено и логото на Бугарска помош за развој и знамето на Република Бугарија.

Инаку, оваа нова спортско-рекреативна содржина во Градскиот парк во Битола, на која најмногу се израдуваа најмладите битолчани, беше свечено пуштена по повод Меѓународниот ден на детето, 3 јуни, а на свеченото отворање покрај битолскиот градоначалник Тони Коњановски се обратија и генералниот конзул на Република Бугарија во Битола, претседателот на СКК Вертикал, како и претставникот на Мембранинг, Скопје.