По 16-ти пат, маратонци од Македонија ќе трчаат во чест на нашата незаборавена ѕвезда Тоше Проески

По 16-ти пат, маратонците ќе трчаат во чест на Тоше Проески - „Трчаме за нашиот ангел“. Тие се веќе пристигнати во Хрватска, а веќе денес, на 14-ти октомври започнуваат да трчаат од Нова Градишка кон Крушево. Маратонците вчера ја посетија македонската православна црква „Света Злата Мегленска“ каде биле пречекани од македонскиот амбасадор во Хрватска.

Присутни биле и претставници од Македонскиот културен центар како и членови на Македонското уметничко друштво Охридски Бисер.

Тие ќе трчаат низ целата територија на Хрватска и на Србија. Нивното пристигнување на граничниот премин Табановце се очекува на 15 октомври, од каде продолжуваат кон Скопје каде се очекува да пристигнат околу 18 часот на плоштадот „Македонија“. Вечерта ќе тргнат на пат за Крушево, каде треба да пристигнат на 16 октомври (понеделник) околу пладне, на годишнината од загинувањето на Тоше Проески.

Учесниците ќе го завршат ултрамаратонот на Гумење каде ќе му оддадат почит на Тоше. За потсетување, Проески загина во сообраќајната несреќа кај Нова Градишка, Хрватска, на 16 октомври 2007 година.