Петровска: Хеликоптерите ќе чинат 250 милиони евра, во цената е вклучено изградба на хангар и обука на пилотите

Набавката на осум нови хеликоптери од компанијата „Леонардо“ ќе изнесува 249,9 милиони евра и се очекува првата испорака да биде во втората половина од 2026 година, информира денеска министерката за одбрана Славјанка Петровска. Според неа цената ги опфаќа хеликоптерите, изградба на хангар, како и соодветна обука за пилотите.

„Меѓу другите договорени ставки е и изградба на хангар, тоа ќе биде обврска на компанијата „Леонардо“, која ќе треба да изгради соодветен хангар во кој ќе бидат чувани сите осум хеликоптери со специјални дополнителни простории, обезбедување на дренажери, часови за обука и обука во нивниот центар, односно нивната академија за обука на пилоти. Годината на достава, втората половина на 2026 година. Добив уверување дека рокот на испорака ќе биде испочитуван. Затоа што согласно рокот на испорака понатаму зависат повеќе врзани процеси“, изјави Петровска.

Во однос на првичната цена која била предвидена за набавката, Петровска посочи дека изминатите години како и во останатите сегменти, така и во воената индустрија цените постојано растат.

„Треба да се има предвид дека првичната цена која била предвидена за оваа набавка е од пред неколку години знаете дека за жал, изминатите години генерално во воената индустрија како и во сите останати сегменти растат постојано, така што мислам дека она што тимот успеа да го испреговара со компанијата да ги обезбеди сите оние потребни дополнителни опреми за непречено оперирање и извршување на сите задачи, мисии и операции на крај се постигнаа таа цена која е соопштена, појасни Петровска.

Дел од хеликоптерите ќе бидат вооружени, а останатиот дел ја имаат можноста да бидат вооружени дополнително доколку се утврди потреба. Рече дека двата хеликоптери кои биле пратени на ремонт во Чешката ќе се вратат во некој од наредните денови, бидејќи ремонтот веќе бил завршен и сега се правеле финалните проверки.

Исто така, таа информира дека до министерството вчера доцна попладне пристигнало писмо од Антикорупциска која оформи предмет за набавката на хеликоптерите и дека веќе се подготвува документацијата за која изрази надеж дека ќе биде доставена до комисијата уште пред истекот на наведениот рок.