Пендаровски на конференцијата за е-трговија: Пред нас е огромен потенцијал за економски раст

Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на шестата годишна регионална конференција за е-трговија посветена на редефинирањето на е-трговијата во ерата на вештачка интелигенција во организација на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТМ).

Во фокусот на конференцијата е искористувањето на потенцијалот на вештачката интелигенција, нејзината улога во е-трговијата, како и редефинирање и трансформирање на целата индустрија.

„Годинава, зборот е-трговија или e-commerce, наполни 30 години. Негови врсници во раните 90-ти се термините, како што се: веб-страница, дигитален номад, дигитален јаз, сајбер-безбедност и сајбер-криминал, метаверзум, 3Д-печатење, ДВД, ПДФ, УСБ, фотошоп и многу, многу други. Во тоа време, кога помалку од 0,05 % од светската популација беше на интернет, малкумина ги разбираа овие неологизми. Денес, кога 60 % од светот е онлајн, тешко дека можеме да се разбереме меѓу себе и да функционираме без нив“, истакна Пендаровски.

На ова поле, како што додаде, се соочуваме со најмалку три предизвици во Македонија.

„Првиот предизвик е фактот дека технолошките иновации честопати се побрзи од регулацијата и отвораат простор за разни злоупотреби, од дезинформации преку сајбер-криминал, па сѐ до безбедносни сајбер-напади. Поради страв од измами, некои од потрошувачите сѐ уште со недоверба гледаат на онлајн-трговијата.

Вториот предизвик е ризикот од зголемување на невработеноста и социјалната нееднаквост, особено поради дигиталниот јаз и ниското ниво на дигитална писменост.

Третиот предизвик е демографски. Младата дигитална генерација има клучна улога во е-трговијата. Младите луѓе не само што ги следат туку и ги создаваат главните дигитални трендови од кои зависи економскиот раст. Но, тука лежи нашиот главен проблем, имено, светскиот извештај за миграција за 2020 година ја рангира Северна Македонија на 20. место во светот според стапката на миграција. Поради низа системски проблеми, вклучително и корупцијата, постои опасност да изгубиме огромен дел од нашата млада дигитална популација“, рече тој.

Според него, за да одговори на овие предизвици, државата мора да ја гради довербата во овој сектор, со тоа што ќе се бори против сајбер- криминалот и ќе ја гарантира сајбер-безбедноста на пазарот.

„Понатаму, државата мора да вложува во современо дигитално образование за да го надмине дигиталниот јаз во македонското општество. Конечно, мора да го развиваме македонскиот екосистем на е-трговија за да може да привлекува инвестиции, да генерира работни места и да ги задржува младите во земјата.

Ова се само некои од препораките што ги вброивме во рамката за развој „МКД 2030“, што нуди долгорочна визија за развој и за иднината на земјата. „МКД 2030“, заедно со Националната развојна стратегија 2021 – 2041, треба да ни помогне да ја забрзаме дигиталната трансформација на Македонија, да промовираме дигитална економија и образование, да ја подигнеме дигиталната писменост и целосно да ги дигитализираме јавните услуги. И сето тоа да го правиме имајќи ги предвид потребите на младата генерација“, посочи Пендаровски.

На располагање, како што додаде, ни се најсовремените алатки на дигиталната ера.

„Пред нас е поле за огромен потенцијал за економски раст и развој. Од нас зависи дали ќе се вклучиме во големиот натпревар или ќе ја преспиеме оваа временска епоха, која веќе го одредува развојот на секоја национална економија, мала или голема сеедно, во 21 век“, потенцира тој.