Пендаровски контра Силјановска: Пресудите на Уставен во врска со настаните од 27-ми април се праведна сатисфакција

Претседателот Стево Пендаровски индиректно ја осуди изјавата на професорката Гордана Силјановска дека ако стане преседател на државата ќе ги помилува осудените за настаните од 27-ми април. Тој притоа ја поздрави одлуката на Уставниот суд во врска со тие настани.

„Се реферирам на одлуките што Уставниот суд ги донесе во последниот период во однос на трагичните настани од 27 април 2017 година што се случија токму во оваа зграда.Освен нападот кон нашиот демократски уставен поредок и насилството кон пратеници, нападнати беа и новинарските екипи кои известуваа од конститутивната седница на Собранието. Во обид да се спречи мирна транзиција на власта, насилна толпа организирана од структури на тогашната власт нападна новинари во обид да ги спречат да ја известат јавноста за случувањата. Вашите одлуки со кои утврдивте повреда на правото на слободно изразување на мислата се праведна сатисфакција, не само за нападнатите новинари, туку и за целокупната демократска јавност во нашата држава“, порача Пендаровски на конференцијата. 

Тој исто така оцени дека со своите одлуки Уставниот суд покажал исклучителен сензибилитет за националните, но и за меѓународните стандарди за почитување и заштита на човековите права и слободи  и побара,  за да биде поуспешен во тоа, да се виоведе уставната тужба како правно средство за заштита на правата и слободите.

„Тука сакам, без резерва, уште еднаш, да ја поддржам оваа ваша иницијатива, иако тоа сум го правел и порано.Иако, досега, постоеја повеќе иницијативи за измена на нашиот устав во оваа насока, за жал, повеќе парламентарни состави не собраа сила тоа да го направат, а дискусијата за измени на Уставот, со цел, воведување на уставна тужба завршуваше со надмудрувања за сосема други прашања кои се неповрзани со оваа тема. Се надевам дека во скора иднина и политичката, покрај стручната јавност, ќе го разбере значењето на воведувањето на уставната тужба како важен сегмент на реформите и чекор кон зајакнување на системот за заштита на човековите права и слободи“, рече Пендаровски.