Османи ја започна кампањата: „Мисијата ја започнав од седиштето на НАТО и се надева

Првиот дипломат, а воедно и кандидат за претседател на Европскиот фронт, Бујар Османи, со прес-конференција одржана пред претседателската резиденција во Скопје, Вила Водно, во придружба на подмладокот на коалицијата, ја започна кампањата за претседател на Република Северна Македонија.

Османи рече дека денеска започнува едно многу важно патување, на народниот референдум, за иднината на нашата држава.

„Бидејќи со вашата поддршка имав привилегија и ми беше дадена можност да служам во најважните интегративни процеси во државата, ценам дека имам искуство, имам знаење, имам кредибилитет и контакти во центрите на одлучување, но имам и заложба да го заокружам сонот на секое семејство, сонот на секој граѓанин на нашата држава за светла иднина во Европската Унија“, истакна Османи, појаснувајќи дека државата е на крстопат, на кој едниот пат води кон светла, просперитетна, европска иднина, додека другиот пат води кон изолација, нејасност и недостиг на перспектива и дека токму поради оваа причина овие избори не се обични избори.

Османи ги покани сите да му се придружат во победничкиот караван, како што рече кандидатот, сега е дојдено времето за првиот европски претседател.

„Овде на оваа прес-конференција доаѓам директно од Брисел. Имав прилика ова голема мисија да ја лансирам токму од седиштето на НАТО во Брисел, и тоа на посебен ден. Денеска е четврти ден од четвртиот месец во 2024 година, денот на основањето на НАТО и 4-годишнината од членството на нашата земја во најмоќната политичко-воена организација во светот. И фактот што ја започнувам оваа мисија под бројот 4 за мене е исто така симболично дека сме на вистинскиот пат. Оваа мисија ја започнав од седиштето на НАТО, но се надевам дека ќе ја завршам како Претседател на Републиката во седиштето на Европската унија, седнувајќи на масата на Европскиот совет како полноправна членка“, истакна Османи.

Османи информира дека од денеска под слоганот: „Европски претседател!“ и со изборната програма наречена „Декалогот на европскиот претседател“, под број 4, ќе оди во четирите страни на државата за да ги слуша потребите на граѓаните, нивните очекувања, но и да ги откријат плановите за посветла иднина во Европската Унија.

„Зад мене стои најголемиот мултиетнички блок, коалицијата на девет политички партии собрани под Европскиот фронт, нова платформа произлезена од Охридскиот рамковен договор, која има за цел да го одржи евроатлантскиот курс на оваа земја. Воедно да одржува хармонија и соживот во нашата заедничка земја, добри меѓусоседски односи, но секако и да се заврши во текот на следниот мандат т.е. до 2030 година интеграцијата на земјата во Европската Унија, што ќе овозможи подобар живот, просперитетен и европски живот за сите нас“, заклучи кандидатот за претседател Османи.