Општина Центар ги реконструираше малото фудбалско, кошаркарско и детското игралиште во населба Пролет

Општина Центар ги реконструираше малото фудбалско, кошаркарско и детското игралиште во населба Пролет. Старите и дотраени детски реквизити се заменија со нови. Децата добија нови голчиња, кош, ограда и подлога, а кај детското поставени се нови лулашки, клацкалки, лизгалка, голема дрвена конструкција куќарка, а поставена е и нова клупа за следење на детската игра.

Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски вели дека во тек е реконструкција на повеќе детски игралишта со цел децата од различните генерации да играат правилно растат и се развиваат, го негуваат спортот и преку него се социјализираат и дружат. Градоначалникот на Општина Центар Герасимовски беше во населба Пролет кај детските и спортски игралишта и поразговара со жителите.

- “Периодов работиме на реконструкција на старите и дотраени реквизити на детските и спортски игралишта. Нашата цел истите да бидат подготвени и спремни да ги дочекаат децата во убавите сончеви денови. Физичкиот развој кај младите е исклучително важен во периодот на растење и развивање затоа нашата цел е децата да добијат што повеќе нови реквизити со цел да ја негуваме детската игра, физичкиот развој на децата како клучен фактор во целокупното здравје“, вели Герасимовски.

Општина Центар досега реконструираше неколку детски игралишта во Градски Ѕид кај Коктел Бар, близу Зелениот пазар, на Водно детското игралиште на ул, Славејко Арсов, малото фудбалско игралиште кај Кам маркет во Дебар Маало, од старото и дотраено направи комплетно ново и инклузивно игралиште близу т.ц Зебра, ги реконструираше детските и спортските игралишта во Капиштец, двете спортски игралишта во дворот на ООУ „Ј.Х. Песталоци“, детското игралиште близу Градската болница и кошаркарското, фудбалското и детското во населба Пролет.

Општина Центар во меѓувреме работи на реконструкција и на уште неколку детски и спортски игралишта.