Од Алијанса за Албанците бараат Џафери да ги разреши нивните министри

На превирањата во Алијанса за Албанците им нема крај. Имено денес кадровската комисија на Алијансата за Албанците попладнево одлучила да му предложи на техничкиот премиер Талат Џафери разрешување на министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу и министерот за здравство Фатмир Меџити.

- “Кадровската комисија на Алијансата за Албанците, составена од 7 члена, како единствен орган на АА за кадровски прашања, со мнозинство од 5 гласа, одлучи да му предложи на премиерот разрешување на министерот за информатичко општество и администрација и министерот за здравство“, информираат од партиската прес-служба.

Од партијата велат дека двајцата министри спроведуваат дејствија кои биле во спротивност со етичкиот кодекс, вклучително и уцени и притисоци врз членовите на АА и вработените, како и денешното јавно “кокетирање“ со ВМРО-ДПМНЕ.

Целата оваа ситуација “пукна“ откако лидерот на партијата АА најави дека ќе се приклучи кон албанската опозиција. Таравари доби поддршка од министерот за здравство Фатмир Меџити, а му се спротивставија поранешниот прв човек на партијата Зијадин Села, министерот за правда Кренар Лога и потпретседателката на АА Илире Даути. Тие го обвинија Таравари дека тој како поединец не може да одлучува за чекорите на партијата, туку партиските тела. За таа цел во сабота во 13 часот во Скопје е закажано Централно собрание каде ќе се бара одговорност од Таравари и од неговите министри а воедно ќе се донесе конечна одлука како понатака ќе настапува Алијанса за Албанците.