Никако да се реши проблемот: Автобусите се ретки, а скопјани се мрзнат додека ги чекаат

Поминаа речиси две недели од состанокот меѓу градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска и приватните превозници, по што имаше знаци дека постои можност да падне договор и тие да се вратат на улиците, но засега нема никакво решение.

Проблемите кои постојат веќе со месеци, продолжуваат и понатаму, а граѓаните се жалат на социјалните мрежи дека секое утро се мрзнат додека ги чекаат автобусите на ЈСП бидејќи се ретки.

Имаше обиди и со јавни огласи за пријавување на приватни превозници за одредени линии, но ниту тоа не им успеа на градските власти, по што стигна обид и за набавка на нови автобуси, меѓутоа советниците на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ на седница не го поддржаа предлогот.