На пешачка патека паѓаат парчиња бетон врз минувачите

Парчиња од фасадата од зградата на улицата "Рајко Жинзифов" број 50 паѓаат врз минувачите, затоа што фасадата е стара, оштетена и се лупи. На пешачката патека паѓаат и одрони од бетонот од терасите. Граѓаните кои живеат во околните згради и секојдневно поминуваат покрај оваа зграда, лоцирана во близина на Романската амбасада, велат дека со страв се движат, незнаејќи што може да падне врз нивните глави и бараат општинските и градските власти да го решат овој проблем пред некој граѓанин посериозно да биде повреден, пишува Вест.

Од Град Скопје велат дека тие немаат надлежност за одржување на фасадите на зградите.

"Куќните совети се надлежни за одржување на фасадите на зградите. Градот Скопје нема надлежност во однос на оваа проблематика, а надлежност имаат општините преку општинските инспектори за домување", велат од кабинетот на градоначалникот Коце Трајановски.

Од Општина Центар потсетуваат дека тие веќе две години го спроведуваат проектот за реновирање на старите и оштетени фасади на нивната територија и дека куќните совети треба сами да достават барање до Општината.

"Ние распишавме оглас на кои беа пријавени зградите чии сопственици се обврзаа дека ќе ги заменат прозорците на нивна сметка, а ние ќе им поставиме енергетско-ефикасна фасада. Во моментов една по една се реновираат зградите кои беа пријавени. Кога ќе завршиме со нив, ќе распишеме нов оглас. Зградата на улицата "Рајко Жинзифов" број 50 не е пријавена. Ги повикуваме на наредниот оглас да се пријават за да влезе во нашата програма", велат од Општина Центар.