Може ли Скопската стара чаршија повторно да заживее?

Дуќанот се издава или пак дуќанот се продава, ова е тоа што може да се забележи последниот период на излозите на дуќаните во Старата скопска чаршија. 

Некогаш место каде што не можеш да поминеш од луѓе, џагор, врева, занаетчии еден до друг, продавнички за се и сешто, денеска место на духовите. Празно, со катанци на вратите. Занаетчиите ги нема. Излозите празни или пак со прашина.

Најавтентичниот дел од градот веќе го изгуби сјајот, ја изгуби душата. Сликата тажна. 

Никогаш не било така, велат занаетчиите кои останаа таму, а кои стравуваат дека за кратко и тие би можеле да стават клуч на врата. 

Корона кризата им го даде последниот удар. Се надеваат на државна помош за да го оддржат во живот она што цел живот го создавале. 

Со поддршка од Европската унија и Светска банка преку проектот „Разубавување на Старата чаршија“  реставрирана е улицата „Битпазарска“ и излозите на 39 дуќани без притоа да се наруши автентичноста на чаршијата.

Во рамки на проектот заменети се прозорците и вратите на дуќаните, реставрирана е калдрмата на улицата „Битпазарска“, а поставена е и туристичка патна сигнализација со што се подобрени  условите за работа на занаетчиите, а истовремено се создадени услови за понатамошен развој на туризмот.

Од Владата најавија дека во иднина ќе продолжи поддршката за Старата скопска чаршија.

– Станува збор за уникатно место кое му дава посебен шарм на Скопје категоризирано како туристичко место од врвна категорија. Со своето културно, историско и духовно наследство од 12 век, Старата скопска чаршија  претставува голем развоен туристички потенцијал како за општина Чаир, така и за Градот Скопје. Таа е несекојдневно и атрактивно место. Старата скопска чаршија има голем стопански и културен потенцијал и ако сакаме да ја направиме место каде ќе се разменуваат идеи и стоки, должни сме да создадеме услови и да го заштитиме културното наследство и стариот автентичен изглед, порача Битиќи.