Маричиќ ќе биде прв вицепремиер во техничката влада

Бојан Маричиќ ќе биде прв вицепремиер во техничката влада што треба да се изгласа на 28 јануари. Артан Груби ќе биде “само“ вицепремиер и министер за политички систем.

Оваа рокада ја има потврдено висок владин функционер за Слободен печат кој објаснува дека првото вицепремиерско место и првиот заменик претседател на Владата треба да биде од другата политичка партија.

Откако Џафери ќе поднесе оставка од позицијата Претседател на Собрание тој ќе биде номинар за нов премиер од владеачкото мнозинство но од редовите на ДУИ, па од тука логичен ќе биде изборот на Маричиќ да биде предложен од страна на СДСМ.

Во техничката влада ќе нема промена на министрите, односно освен министрите за внатрешни работи и за труд и социјала и дополнителните заменици министри во ресорите финансии, информатичко општество, земјоделство, кои доаѓаат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, останува актуелниот владин состав.

Од ВМРО-ДПМНЕ синоќа ги објавија нивните кандидати кои треба да ги завземат местата во техничката влада.

За министер за внатрешни работи е предложен Панче Тошковски, актуелен претседател на правната комисија на ВМРО-ДПМНЕ и долгогодишен адвокат.

За нов дополнителен заменик министер за финансии е предложена Елена Петрова, висок професионалец во областа на финансиите. Ѓоко Велковски е нов предлог за кандидат за министер за труд и социјална политика.

За нов дополнителен заменик министер за информатичко општество и администрација е предложен Стефан Андоновски, досегашен меѓународен секретар на партијата и советник во Советот на Град Скопје.

Цветан Трипуновски за дополнителен заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.