Македонија се празни, само во Штип педесет ученици нема да го почнат второто полугодие

Она што станува масовна појава во последните години во Македонија почна да се отсликува и во ученичките клупи. Од податоците кои доаѓаат од општините низ државава покажуваат дека само во општина Штип 50 ученици во основните и средните училишта од денес нема повеќе да посетуваат настава, барем не во Македонија. Причината е многу јасна, нивните родители си заминале во странство.

Раководителот на Секторот на образование во Општина Штип Снежана Санева вели дека оваа бројка не е мала. Според податоците на училиштата, во второто полугодие во средните училишта ќе има помалку 26 ученици, а во основните училишта оваа бројка е 24.

-“ Значи на ниво на Општина тоа се вкупно 50 ученици, кои веќе нема да посетуваат настава. Инаку да кажеме од Општинското основно училиште (ООУ) „Гоце Делчев“ имаме пријавено отсуство, меѓутоа таму родители се уште не образложиле зошто децата не посетуваат настава, таа бројка е некаде околу 25 ученика и да се надеваме дека ова второ полугодие тие ќе продолжат со наставата, ќе се вратат во училишните клупи и редовно ќе ја завршат учебната година“, изјави Санева.

Лани наставата во второ полугодие не ја почнаа 81 ученик, односно нивните родители побараа исписници за заминување во странство што значи дека оваа општина за само 2 години загубила 130 ученици само во второто полугодие од почнување на учебната година.