Мајката на убиениот Александар од прилепско за Фокус: Јас го жалев убиецот на син ми, тој сите не зацрни!

- Не можеме да се совземеме од трагедијата која ни се случи. Нашиот син Александар повеќе го нема, и постојано се прашуваме дали ова можеше да се спречи. Нели знаела мајката на убиецот дека тој има ножеви, дека е проблематичен, нели знаеле нешто од Центарот за социјална работа од Прилеп, кога и на училиште се однесувал проблематично? – со растреперен глас за „Фокус” зборува Маријана Димова од Сенокос, Прилеп.

Животот на нејзиниот син Александар (14) згасна на 29-ти февруари, околу 19.30 часот. Беше усмртен со десет убоди од нож, а осомничениот 16-годишник, веќе е во 30-дневен притвор, определен од судија за деца, а по барање на прилепското обвинителство.

Маријана вели дека момчето осомничено за убиството на Александар го знаела од видување, бидејќи живеат во исто место, а во минатото повремено се дружел и со нејзиниот син. Раскажува дека таткото на осомничениот починал пред околу 12 години, бил убиен од човек од селото, и таа дури кога го гледала како мало момче, го сожалувала.

- И јас останав без татко на мои 11 години, затоа кога ќе го сретнев во село, ми беше жал за него, знам како е да си оставен со еден родител. Тој растеше сам со мајка му, и откако потпорасна стана проблематичен. Тоа го знаат и во учлиштето каде посетувал настава. Имаше со него и други проблеми, за време на верскиот празник Коледе годинава тој нападна 60-годишен маж со нож. Не знам дали некој некаде пријавувал, но сите знаеа дека е проблематичен, се тепаше и со други деца. Зошто никој ништо не презел, па се дозволи да се случи оваа трагедија?-прашува мајката.

Вели дека со семејството отишле пред зградата во Прилеп каде беше убиен нивниот син. Сакале да го видат местото каде згаснал животот на нивното дете. Таму сретнале наставник кој во минатото му предавал на осомничениот малолетник. Им кажал дека момчето уште од седмо-осмо одделение започнало да се однесува проблематично, да напаѓа деца…

- Ние не знаеме како да го надминеме ова кое ни се случи. Имам уште три деца, сите се малолетни, премногу се потресени, сопругот исто така, постојано е или на гробишта или во болница. Животот ни се преврте!
Од полиција дојдоа, ни кажаа дека во четврток ќе започне судењето. Се надеваме дека ќе има правда и одговорност- вели Маријана.