Кривична пријава против тројца вработени во МВР, дозволиле застарување на дисциплинска постапка против нивен колега осомничен за злосторничко здружување

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на социјалните мрежи објави дека е поднесена кривична пријава против три лица вработени во МВР поради “Несовесно работење во службата” по член 353в од КЗ кои дозволиле да настане застареност на дисциплинска постапка која се водела против вработен во МВР осомничен за злосторничко здружување и присвојување добра под привремена заштита и културно наследство.

„Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против три лица – полициски службеници од кои во својство на членови на дисциплинска комисија несовесно постапиле во вршењето на своите должности и овластувања што пропуштиле во законски рок да ја спроведат дисциплинска постапка против вработен во СВР Струмица за кој била поднесена кривична пријава „Злосторничко здружување“ и „Присвојување на добра под привремена заштита или културно наследство“ и му била одредена мерка притвор во траење од 30 дена.

Така тие наместо навремено да постапат по иницијативата за утврдување на дисциплинска одговорност, расправата ја одржале дури по повеќе од една година по добиеното известување од страна на јавниот обвинител, со што дозволиле да настане апсолутна застареност за водење дисциплинска постапка, притоа постапувајќи спротивно на законите и подзаконските акти“ напиша Тошковски