Козле од институт прерасна во универзитетска клиника за респираторни заболувања кај децата

Владата, на вчера одржаната седница донесе Одлука со која Јавната здравствена установа Институт по белодробни заболувања кај децата Козле-Скопје прераснува во Јавна здравствена установа Универзитетска клиника за респираторни заболувања кај децата Козле-Скопје.

Со оваа одлука, како што велат од Владата, се овозможува проширување на дејноста на оваа здравствена установа преку специјалистичко-консултативна и болничка здравствена заштита и здравствена дејност на терцијарно ниво од областа на респираторните заболувања кај децата и цистичната фиброза, изведување образовна дејност, вршење усовршување на здравствените работници и научно-истражувачка дејност, како и вршење здравствени услуги кои бараат стручен, организациски и технолошки сложен и мултидисциплинарен здравствен третман од областа на респираторните заболувања кај децата и цистичната фиброза, изградување и спроведување на стручно-медицински доктринарни критериуми во својата област и укажување стручно-методолошка помош на здравствените установи од соодветната гранка на медицината.

Со оваа одлука, ќе се добие побрзо и поефикасно дијагностицирање, третман и лекување на пациентите и ќе се намали притисокот кон други установи со што ќе се обезбеди подостапна и поквалитетна здравствена заштита за пациентите, велат од Владата.