Костадинов ќе ги раскине сите меморандуми за ЛГБТ - Вели растен е во духот на христијанството

Градоначалникот на општина Струмица Костадин Костадинов најави ништовност на сите меморандуми кои општина Струмица ги има потпишано со невладините кои ги застапуваат ЛГБТ+ припадниците. Ова следи откако тој се најде на мета на социјалните мрежи поради фотографиите од Струмица на кои се гледа „пречкртано виножито“. 

Тој се јави со реакција за нападите кои ги добива поради поддршката што ја дава за трибините и јавната дебата поврзани со законите за родова еднаквост и за матична евиденција, организирани од Фондацијата „Елеуса“ при Струмичката епархија на МПЦ-ОА.

- Не ја разбирам потребата на одредени невладини организации да се занимаваат со моето човеково право на верување во Бога, не разбирам зошто истото им пречи. Јас сум човек кој има разбирање за сите, но со сигурност не и за нив. Иако без ниту еден кажан збор, сум мета на одредени индивидуи, јас сум човек растен во духот на Христијанството и ќе простам. После неколку пати толеранција доведен сум до степен да си ја заштитам мојата Струмица, моите струмичанки и струмичани. Побарав извинување за навредените богољубиви граѓанки и граѓани на Струмица и не го добивме, денеска повторно по ФБ статуси, по коментари сме навредувани, омаловажувани како луѓе и тоа нема да помине. Од утре како градоначалник со целото мое законско право ставам ништовност на секој меморандум на таквите невладини организации и Вето доколку било каков допис стигне до општината од нивна страна, напиша синоќа градоначалникот Костадинов. 

Додава, кога е Струмица во прашање нема компромиси.

- Се работи за нашите деца, нашите внуци, станува збор за сите нас! Еднаквите можности помеѓу жените и мажите во Струмица се посилни од кога било, заклучи тој во својата објава. 

Вчера активистката Ирена Цветковиќ го прозва Костадинов дека тој е, како што напиша, е „ороводец на хајката“ со налепниците. 

- Овие налепници денес ја преплавија Струмица. Со ова Струмица од една прогресивна општина, општина која уживаше имиџ на слободатска зона во времињата на режимот, сега се претвори во нео-фашистичка паланка чија исклучувачка и хејтерка идеологија не може да донесе никому ништо добро, напиша Цветковиќ.