Коцевски: Сум истражувал многу злосторства, но како убиството на Вања Ѓорчевска немам видено

Државниот обвинител Љупчо Коцевски вели дека во обвинителската кариера истражувал многу злосторства, но како убиството на Вања Ѓорчевска немал видено. Тој посочи дека Љупчо Палевски брзо ќе биде испорачан од Турција.

“Во моето долгогодишно искуство, може да кажам дека сум имал 50 - 60 вакви случаи, за жал, меѓутоа тука се работи за специфично грозоморно убиство. Со истрагата се опфатени пет лица кои се осомничени. Обезбедени се доказите, имаше и обдукција, сето тоа оди во корист на фактичката состојба што Обвинителството ја утврдува, чекаме екстрадиција во однос на лицето што го спомнавте, Палчо, и јас мислам дека ќе биде брзо екстрадиран од Република Турција. Нашата работа е завршена, останува само екстрадицијата“, рече Коцевски во вечерашата емисија Топ Тема

Тој го прокоментира и случајот “Онкологија“, каде кажа дека се работи за многу сложен процес и дека сеуште се на почеток.

“Се работи за сложен предмет, истрагата е се уште на самиот почеток. Најново е она што по наредба на јавен обвинител, Фондот за здравствено осигурување да изврши нов надзор на клиниката, и моментално извештајот се анализира во Обвинителството, истакна тој.

Коцевски откри дека комисијата која врши надзор врз изборниот процес веќе е формирана, но дека е рано за да се забележат било какви противправни дејствија и најави фомирање на независен механизам за пријавување на евентуалните влијанија и притисоци.

“Сакам, доколку дозволува законот, тоа сега го проучуваме со колегите, да воспоставиме независен механизам за заштитно пријавување преку кој јавните обвинители ќе можат на безбеден начин да ги пријавуваат евентуалните влијанија и притисоци со кои се соочуваат. Тоа значи дека секој јавен обвинител или судија, доколку има одредени притисоци од власта, поединци, функционери, ќе може тоа да го пријави во одделението. Тоа одделение се уште не е формирано, ги разгледуваме можностите во Законот за јавно обвинителство дали е возможно да се формира. Тоа одделение може да го води и државниот јавен обвинител или обвинител што ќе го овласти државниот јавен обвинител“, додаде Коцевски