Ќе продолжи ли традицијата? Денеска е денот за подарување мартинка за среќа

Доаѓањето на пролетта веќе се чувствува во водухот. Месец март ја најавува пролетта, а 1-ви март, се слави како празник на пролетта, љубовта, цвеќињата и убавината.

Во чест на месец март и доаѓањето на пролетта традицијата вели дека во некои краеви во минатото, но и денес на рацете се врзува црвено – белите мартинка направена од конец.

 Велат дека подарена мартинка е знак за топло пријателство и среќа. Најчесто мартинка плетат бабите и им ја врзуваат на своите внуци, а се носат за здравје, среќа, плодност и долг живот. Таа се прави со испреплетување на бел и црвен конец.

Црвената боја ја симболизира крвта и љубовта, а белата асоцира на чистота и искреност.

Мартинката се подарува на првиот ден од месец март, во чест на Баба Марта. Истата се носи на левата рака или закачена на облеката сè додека расцвета првото дрво (според некои верувања додека не ја видите првата ластовичка или првиот штрк). Потоа се закачува на него со желби за здравје за себе и за добро здравје на своите најблиски.

Оваа традиција е позната и присутна во дел од земјава, каде и ден денес ја практикуваат, но во други делови полека исчезнува и се заборава.