Канцеларијата на Хелсиншкиот комитет во недела отворена за граѓаните за да можат да пријават повреда на избирачкото право

Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија ги извести граѓаните дека во недела, 30 септември 2018 година, нивната канцеларија ќе биде отворена во текот на целиот ден, со цел да им овозможи на граѓаните да пријават повреда на избирачкото право за време на референдумското изјаснување.

Комитетот ги охрабрува сите граѓани кои сметаат дека нивното избирачко право е повредено да го пријават случајот во канцеларијата на Комитетот, кој се наоѓа на ул.„Наум Наумовски Борче“ бр. 83. 

Доколку граѓаните не се во можност да дојдат до просториите на Хелсиншкиот комитет, случаите на повреда на избирачкото право можат да ги пријават и преку отворената фиксна и мобилна телефонска линија: +389 (0)2 3119 073 и +389 (0)72 278 436.

Покрај личното и телефонското пријавување овозможена е и пријава преку е-пошта на helkom@mhc.org.mk. Пријавите преку е-пошта треба да содржат кратко образложение за настанатата повреда, локација (изборна единица и број на гласачко место) и време на настанување на повредата на избирачкото право, велат од Хелсиншкиот комитет.

Граѓаните можат да ги поднесат пријавите наведувајќи ги своите лични податоци или анонимно. Сите пријави до Комитетот ќе бидат дополнително истражени со цел да се верификува нивната веродостојност. Од Комитетот тврдат дека тајноста и неповредливоста на личните податоци се загарантирани и нема да бидат објавени без претходна дозвола од страна на граѓаните кои ја пријавиле повредата.