Како до помалку настрадани велосипедисти во сообраќајот

Бројот на велосипедисти - учесници во сообраќајот континуирано расте. Секојдневно сѐ поголем број љубители на велосипедизмот активно го користат велосипедот како сообраќајно превозно средство, но и покрај тоа безбедноста на велосипедистите во сообраќајот сѐ уште не е на потребното ниво.

Безбедноста на велосипедистите во сообраќајот е поделена и заедничка одговорност на сите учесници во сообраќајот, но пред сѐ тоа е одговорност на велосипедистите како ранлива категорија учесници во сообраќајот. Токму затоа, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата потсетува на најважните сообраќајни правила што велосипедистите треба да ги знаат и што треба секојдневно да ги применуваат:

• „Велосипедски премин“ е обележен дел долж коловозот со пропишан сообраќаен знак, наменет за премин на велосипеди преку коловозот. Преминувањето со велосипед преку пешачки премин може да се прави исклучиво доколку се турка велосипедот.

• Возачот на велосипед кој се вклучува во сообраќајот од гаража, двор или друга слична површина, ако видикот му е закриен со друго возило, објект или предмет или ако видливоста му е намалена, должен е да го турка велосипедот.

• Максимално дозволена брзината за велосипедите кога се движат по велосипедска патека или лента е 25 km/h .

• На велосипедот задолжително треба да има светло во бела боја на предната страна, како и катадиоптeр со црвена боја или рефлектирачка лента на задната страна и по еден катадиоптер со жолта или портокалова боја на секоја страна.

• Возачот на велосипед е должен да се движи што поблиску до десниот раб на коловозот, а ако постои велосипедска патека - по велосипедската патека, односно лента.

• Ако двајца или повеќе возачи на велосипед се движат во група, должни се да се движат еден по друг.

• Ако на патот постои посебно уредена велосипедска патека, возачот на велосипед се движи по десната велосипедска патека во однос на правецот на движењето на сообраќајот. На велосипедски патеки уредени и обележани за сообраќај на велосипеди во двете насоки, велосипедистите се движат по десната страна во правец на движењето.

• Возачот на велосипед е должен да управува со возилото на начин на кој не се намалува стабилноста на возилото и не се попречуваат другите учесници во сообраќајот, а особено не смее да ги симнува рацете од управувачот, да се придржува за друго возило, да превезува, влече или турка предмети што можат да го попречуваат во управувањето со возилото или да ги загрозува другите учесници во сообраќајот.

• Возачот на велосипед може да превезува други лица само ако на велосипедот постојат посебни седишта. Деца до 14 годишна возраст не смеат на велосипед да превезуваат други лица.

• На велосипед, како и во приколка што ја влече велосипед, не смеат да се превезуваат предмети пошироки од еден метар.

• Возачот на велосипед, додека управува со велосипедот, не смее да води животни.

• На магистрален и на регионален пат не смее да се врши оспособување на лица за управување со велосипед.

• По автопат, експресен пат и на пат резервиран за сообраќај на моторни возила, не смеат да се движат велосипеди.

• На велосипед смее да се превезува дете до осумгодишна возраст, ако на велосипедот се вградени едно или повеќе посебни седишта пред или зад возачот.

• Велосипед на пат може да управува лице кое наполнило десет години.

• Во зона на смирен сообраќај, велосипед може да управува лице до десет години, во придружба на лице постаро од 16 години.

• Полициски службеник ќе му забрани на лице да управува со велосипед на јавен пат, ако е очигледно дека лицето не е подготвено за тоа.

И покрај тоа што според Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата не е задолжително и не се предвидени посебни санкции, сепак заради заштита, пред сѐ на велосипедистите, РСБСП посебно укажува и апелира да се почитуваат следниве исклучително важни законски одредби:

• Возачот и лицата кои се превезуваат со велосипед треба да носат заштитен шлем на главата за време на возењето.

• Возачот и лицата кои се превезуваат со велосипед ноќе и во услови на намалена видливост треба да носат рефлектирачки елек за време на возењето.

РСБСП со апел: Биди одговорен велосипедист и почитувај ги сообраќајните правила и прописи, пред сѐ заради заштита на сопствениот живот и сопственото здравје.