Јакимовски: Тргнуваме „храбро за Македонија“ да го промениме црно-белиот свет на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ

Претседателскиот кандидат Стевче Јакимовски својата претседателска кампања ја почна од Тетово, каде што оствари средба со граѓаните.

„Им благодарам на тетовци за срдечниот пречек и навистина ми е чест што претседателската трка ја почнувам во Тетово. Огромната поддршка е доказ дека на граѓаните им е преку глава од црно-белиот свет на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, тетовци бараат промени“, вели Јакимовски.

Со храбрите тетовци кандидатот за претседател Јакимовски разговарал за проблемите и решенијата што ги нуди коалицијата „Храбро за Македонија“.

„Имав шанса да поразговарам за проблемите со кои се соочуваат храбрите тетовци, нашата коалиција ‘Храбро за Македонија’ има визија, имаме решенија и ќе донесеме суштински промени. Како претседател на Република Македонија нема да ги делам граѓаните по етничка и верска припадност, јас ќе бидам претседател на сите и секој граѓанин во мене ќе има свој заштитник“, вели Јакимовски.

Јакимовски од Тетово порача дека нема повлекување сè додека не се промени црно-белиот свет на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

„Денес тргнуваме ‘храбро за Македонија’, нема назад и нема повлекување сè додека не го промениме црно-белиот свет во Македонија“, потенцира претседателскиот кандидат Стевче Јакимовски.