Идната недела нов протест против извршителите: „Стоп за должничкото ропство“

За вторник, 29 август, пред Министерството за правда е најавен протест против извршителите.

Ана Глигорова, од организацијата на протестот, преку социјалните мрежи ги повика граѓаните да дојдат пред Министерството и да го „прекинат должничкото ропство“.

„Извршителите и нивните поддржувачи не го спроведуваат законот за застарување на побарувања (долгови) излезен во Службен весник, кој е во сила. Не само што не го спроведваат законот, туку бараат да се стопира. Затоа ќе се собереме пред Министерство за правда да потполниме формулари масовно, со фотокопии од налози, документи да ги предадеме на министерот и да прекинеме со должничкото ропство. Стоп за должничкото ропство!!!“, напиша таа.

Организатори на протестот се „Човек над профитот“, КСОМ, „Но пасаран“ и ПЦЕР.