Иако биле предупредени за невремето во Грција, туристички агенции од Македонија не сакале да ги откажат аранжманите на туристите 

Туристички агенции од Македонија не им ги откажале аранжманите на своите клиенти и покрај предупредувањата од грчките власти за опасност од невремето „Даниел“.

Македонските туристи побарале помош на социјалните мрежи за тоа какви се условите во централниот дел на Грција прашувајќи дали да тргнат со оглед на тоа дека, според нив, агенциите не им ги откажуваат или одложуваат аранжманите иако во договорите за патување стои дека поради вонредни околности може да се откаже патувањето.

Една туристка во групата „Одмор во Грција“ праша какви се временските услови на Скијатос и дали воопшто член на нејзиното семејство да поаѓа кон Волос затоа што од агенцијата не сакале да и го одложат патувањето, без да открие име. По кратко размислување, семејството сепак решило да го откаже патувањето.

-Како тоа ќе ве водат на патување кога има забрана за движење во Волос и начелно поголемиот дел од Пелион, забрана за движење на Скикатос и суспендирани траекти, пишуваат загрижени туристи.

 Врнежите во Волос, Скијатос и Тесалија, се очекува да продолжат и денес, а Националната метеоролошка служба ги карактеризира како екстремни врнежи. Генералната регионална полициска управа на Тесалија, поради невремето, привремено го забрани движењето за сообраќај на целата мрежа на Скијатос, до смирување на временските услови.

Јавните и општинските служби во Волос и Тесалија денеска се затворени поради лошото време и поплавите. Цивилната заштита на Грција вчера ги предупреди граѓаните и туристите на опасни временски услови во областите Евија, Тесалија, Солун, Лариса, Пиерија, Споради и Магнезија.