Хронологија на една загубена доверба - Клиника “Жан Митрев“

Пред речиси една година македонската јавност остана шокирана од работите кои тогаш ги објави Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) околу функционирањето и односот на клиниката “Жан Митрев“ кон пациентите за време на ковид кризата. ИРЛ во своето истражување го следеше патот и методологијата на еден од најскапите третмани што тогаш се промовираа од страна на клинката Жан Митрев а тоа е хемофилтрацијата. Во документарецот освен цената на чинење на овој скап третман беше прикажано и сведочење на најблиските на пациентите кои и покрај тоа што го платиле овој скап третман сепак ја изгубија борбата со болеста.

Обвинителството веднаш по објавување на прилогот на ИРЛ оформи предмет против клиниката Жан Митрев каде се дозна дека додека ги лекувале пациентите тие вршеле и клинички истражувања кои не само што не биле одобрени од МАЛМЕД туку и се коселе со законите во Македонија.

По сите обвинувања во јавноста кон болницата „Жан Митрев“, следеше и јавен демант од клиниката за случувањата со пациентите за време на пандемијата.

-Клиничката болница „Жан Митрев“ успешно работи за добробит на граѓаните веќе 22 години, нудејќи им услуги сертифицирани по светски стандарди, професионална грижa во насока на подобрување на здравјето, што е докажано во безброј успешни случаи. Ваквиот пристап продолжи да се применува и во текот на светската пандемија предизвикана од страна на вирусот КОВИД-19, во кој период клиниката со многу труд, волја и неизмерно себевложување од своите вработени придонесе за спасување на огромен број човечки животи. Навистина сме згрозени од тенденциозниот говор на омраза употребен кон нашата институција, како и од неточните наводи, односно од фабрикуваните информации кои единствено се насочени кон креирање на лажна слика во пошироката јавност за работата на Клиничката болница Жан Митрев“, соопштија од болницата во јули минатата година.

На 12 август 2022 година на распит во Основното јавно обвинителство (ОЈО) - Скопје беше повикан докторот Жан Митрев за определените околности поврзани со предметот оформен по допрен глас во ОЈО Скопје на 18 јули минатата година.

-„Осомничениот, во периодот од април 2020 година до 2022 година, со намера за правно лице – приватна здравствена установа да прибави противправна имотна корист, со лажно прикажување факти, ги довел во заблуда пациентите лекувани од КОВИД 19 со методот на хемофилтрација“, соопштија тогаш од Јавното обвинителство.

Во текот на постапката, како што информирааа од ОЈО Скопје, јавниот обвинител обезбедил докази за поткрепа на основаните сомненија дека обвинетиот, во периодот од јуни 2020 година до јуни 2022 година, со намера за правното лице – приватна здравствена установа да прибави значителна противправна имотна корист, со прикривање факти ги довел во заблуда оштетените пациенти лекувани во болницата од Ковид – 19, кај кои е извршена хемофилтрација и членови на нивните семејства, со што ги навел секој од нив да стори штета на својот имот во различни износи, а во вкупен износ од 97.461.600 денари или 1,57 милиони евра.

Докторот Жан Митрев на 5 октомври 2022 година даде гаранција од еден милион евра во кеш во Основниот Кривичен суд во Скопје дека нема да избега од Македонија, по што од Обвинителството беше најавено дека истрагата ќе заврши за околу три месеци и ќе бидат познати следните чекори против болницата „Жан Митрев“.

Во меѓувреме, докторот Жан Митрев ги критикуваше сите кои го обвинуваат за профитерство во ек на пандемија на опасен вирус и притоа побара странските амбасади активно да го следат процесот на ОЈО против него

Основното јавно обвинителство – Скопје на 10 јануари 2023 година поднесе обвинителен акт против доктор Жан Митрев, како физичко лице и Обвинителен предлог против неговата болница, како правно лице, за продолжено кривично дело „измама“ од член 247 од Кривичниот законик. А за ова кривично дело „измама“ предвидената казна затвор е од една до 10 години. Веднаш потоа на 13 февруари годинава Советот за оценка на обвинителниот акт го одобри во целост обвинението против кардиохирургот, доктор Жан Митрев и неговата приватна болница, по што првото судско рочиште беше закажано за 28 февруари.

Судењето против доктор Жан Митрев конечно почна во јуни месец 2023 година, иако тоа беше дури четврти обид ова судење да започне, а Митрев се изјасни за невин по сите точки на обвинието.

Од она што можеше да се слушне како сведочење од страна на семејставата на починатите пациенти кои се лекуваа во Клиниката “Жан Митрев“ дополнително ја шокира јавноста. Имено пациентите кои биле носени во самата клиника во тешка состојба не биле веднаш примани од страна на болницата, туку биле оставани по ходниците се додека сумата од 12 илјади евра потребна за нивно лекување не биде целосно исплатена. Сведокот што тогаш свдочеше против Митрев кажа дека од болницата ги интересирало само парите да бидат уплатени и ништо друго.

- “Тоа што најмногу ме погоди е тоа што татко ми имаше очајна потреба од кислород, никој одозгора не се симна да праша каква е ситуацијата, дали има потреба од поддршка, не беше уредно преземан, само ги дадов парите и чекав на ладно парите да бидат процесирани, рече таа, дополнувајќи дека после половина час се јавиле дека ќе го преземат и притоа, како што рече, никој не ѝ кажал каде го носат“, изјави сведокот.

Според сведокот, тоа било последниот момент кога го видела татко ѝ жив, а при телефонски разговор со него, цитираше дека ѝ рекол „оставен сум на страна да умрам, спремајте се за најлошо, тука се сите растрчани, титкаат апарати и никој не знае што прави“.

Паралелно додека траеше целата оваа ситуација со Клиничката болница „Жан Митрев“, неколку пациенти кои тврдат дека успешно биле излечени со методот на хемофилтрација од Ковид-19, раскажаа за своите искуства со оваа болница.

Тие кажаа дека се организирале самоиницијативно и дека не им бил понуден надомест за да го раскажат нивното искуство. Поранешните пациенти раскажаа дека биле во животна опасност, но третманот во Клиниката и хемофилтрацијата им помогнале повторно да застанат на нозе и да го победат опасниот вирус.

Во меѓувреме клиниката Жан Митрев си работи нормално. Од јули па навака речиси исчезна интересот на јавноста но и насловите по медиумите до каде е судењето што се води од страна на ЈО во врска со оваа клиника. Од она што го дозна јавноста како последна вест е дека во текот на месец декември клиниката се здоби со Златен печат од Joint Commission International каде се потврдува дека уште еднаш таа здравствена огранизација ги поседува сите стандарди од аспект на квалитетот на животот на здравствените услуги и грижа за пациентите.