Грипот зема замав, за само една недела нови 1834 случаи или 9.5% повеќе заболени од минатата недела

Раст на бројот на заболени лица од грип во државава. Во период од само една недела во Македонија има нови 1834 случаи на грип или 9,5 % повеќе заболени од минатата недела.

Во однос на возраста, 982 лица се на возраст од 15 до 64 години, 342 се деца на возраст до четири години, 256 се деца на возраст од пет до 14 години и 254 случаи се регистрирани кај лица на возраст над 65 години. Највисоко заболување е регистрирано кај децата на возраст до четири години.

- “Во текот на оваа недела, регистрирани се два смртни случаја асоцирани со грип. Се работи за лица на возраст од 20 и 36 години од Скопје и Демир Хисар, кои биле хоспитализирани во Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби. Кај починатите лица е утврдено присуство на коморбидитети – хематолошки, кардиоваскуларни, обезитас и не биле вакцинирани со вакцина против сезонски грип“ се вели во извештајот на ИЈЗ.

Во сезоната 2023/2024, вкупниот број на случаи на грип – заболувања слични на грип изнесува 7.009 , според податоците на Институтот. Во споредба со истиот период од минатата сезона, бројот на пријавени случаи е зголемен за 37,3 проценти, а во однос на моделот од последните 13 сезони, има зголемување од 26,1 отсто. Од ИЈЗ потсетуваат дека вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита од ова заболување.

Заклучно со четвртата недела од 2024 година, во Република Северна Македонија, вакцинирани се вкупно 61.543 лица со бесплатна или комерцијална вакцина.