Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов им додели признанија и благодарници на најдобрите екипи во средно-училишните лиги

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов им додели признанија и благодарници на најдобрите екипи во средно-училишните лиги на Град Скопје.

– Во текот на оваа учебна година во системот на натпревари на средните училишта во Скопје учествуваа 245 екипи, а се одиграа над 1.000 натпревари во кои зедоа учество околу 6.000 ученици од 30 средни училишта од Скопје. Тие се натпреваруваа во 10 лиги кои се одвиваа во текот на целата учебна година, се до финалните натпревари коишто се одиграа во мај. На овие натпревари се добија градските прваци во сите колективни спортови, а тие заедно со второпласираните, не претставуваа на натпреварите на државно ниво – истакна Шилегов.

Тој нагласи дека ќе продолжи досегашната пракса и најдобрите екипи од средно-школските натпреварувања ќе бидат испратени да се натпреваруваат со екипите со збратимените градови, па така во октомври најдобрите екипи ќе учествуваат на натпревари со нивните соучесници од Нирнберг.

Изминативе години учениците учествуваа на спортски натпреварувања во Ниш, Белград, Софија, Љубљана, Загреб и во Истанбул.