Гласна музика, сообраќаен метеж, градежна офанзива - бучавата не им дава мир на скопјани

Гласната музика од кафулињата, кафеаните и дискотеките, сообраќајниот метеж и актуелната градежната офанзива го прават Скопје бучен град.

И покрај законската забрана да се создава голема врева во раните утрински часови, како и во периодот по 19 часот за изведба на градежни работи или, пак, по 23 часот за дискотеките и за кафулињата, ретко кој ја почитува оваа одредба.

Високите децибели, особено во централното градско подрачје, негативно влијаат врз животната средина, но и сериозно го загрозуваат здравјето на луѓето.

Според последните испитувања на Светската здравствена организација, изложеноста на бучава повисока од 65 децибели предизвикува психосоматски симптоми на акустичен стрес.

Во Скопје бучавата се мери на 14 мерни места, а добиените параметри покажуваат дека пречекорувањето на дозволеното ниво е редовна појава и се движи меѓу 10 и 25 децибели.

Граѓаните, особено преку лето, се жалат дека постојано се изложени на непријатна бучава.

Кој го нарушува мирот на други со пеење, користење на музички инструменти, радио и телевизиски апарати и други технички уреди, како и со механички извори на врева (мотор и слично), во периодот од  15,00 до  18,00 часот и по  23,00 часот до  6,00 часот наутро, полицијата ќе го спречи и ќе му се изрече глоба во износ од 200 до 500 евра во денарска противвредност.

За прекршокот  на претходнонаведеното на правно лице ќе му се изрече глоба во износ од 500 до 1.000 евра во денарска противвредност, а на одговорното лице во правното лице ќе му се изрече глоба во износ од 200 до 500 евра во денарска противвредност.

Глоба во износ од  500 до  800 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на трговец поединец кој врши угостителска дејност, ако не преземе мерки да не дојде до извршување на прекршокот .