Генералниот штрајк на ССМ продолжува, го затвори влезот на Скопје кај Автокоманда

Синдикалците утрово го блокираа влезот на Скопје. Граѓаните информираат дека на терен има колони возила и голем број полициски службеници. 

– Синдикалниот притисок за исполнување на нивните барања во рамки на генералниот штрајк за линеарно зголемување на платите од 2.806 денари за секој работник да се вметне или преку амандман или преку Општиот колективен договор, Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) денеска го продолжува на улица, со блокада од 7 до 10 часот на влезот на Скопје на раскрсницата во населбата Автокоманда на булеварот „Александар Македонски“ со улицата „16 Македонска бригада“, а ќе бидат пропуштани само возила на итна медицинска помош, полиција, армија и пожарна.

Поради блокадата, МВР најави дека утре во посочениот период ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај на сите сообраќајници што гравитираат околу крстосницата на булеварот „Александар Македонски“ со улицата „16. Македонска бригада“.

– Одделението за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот по горенаведените сообраќајници, а сообраќајот ќе се пренасочува по околните улици, соопштија од МВР, апелирајќи до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвива протестот.

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) информираше дека Штрајкувачкиот одбор​ – Претседателството на ССМ дискутирало за активностите кои се спроведуваат со генералниот штрајк, посочувајќи дека незадоволството на работниците од јавниот сектор е огромно и поради тие причини решиле да продолжат со други форми на синдикален притисок и​ незадоволството да го изразува на улица.