Фото: „Концертот под свеќи“ го стави Скопје на листата на светски метрополи

Со илјадници свеќи беше осветлена сцената на Филхармонијата на која се одржа премиерното издание на првиот „Candlelight“ – концерт под свеќи на камерниот оркестар Профундис.

Скопје доживеа несекојдневно искуство, каде традиционалниот концертен амбиент се претвори во несекојдневна музичка симбиоза, облечена во топлината на свеќите создавајќи фантастично концертно искуство, кое на крајот беше наградено со две дополнителни изведби, по одушевувањето на публиката.

Концептот на „Candlelight“ – концерт под свеќи е светски познат тренд кој првпат ќе биде поставен на сцена пред македонската публика. Музичките критичари го опишуваат како уникатно искуство каде традиционалниот концертен амбиент се трансформира во хипнотизирачка музичка симбиоза облеана во топлиот сјај на свеќите. Интимниот амбиент овозможува подлабока врска помеѓу публиката и изведувачите, создавајќи извонредно концертно искуство.

На концертот како солист настапи светски познатиот виолинист Марио Хосен, чија виртуозност и волшебно сценско присуство му носат признание на престижните сцени ширум светот.

Хосен и „Профундис“, под диригентската палка на маестра Ѓурѓица Дашиќ,  ѝ претставија на публиката музичко патување низ делата на реномираните композитори како Вивалди, Паганини, Холст и Глас.

Концертот под свеќи во моментот е вистинска атракција во 173 града ширум светот, а премиерно со овој концерт списокот се проширува и со Скопје. На концертот по прв пат беше изведено дело од Филип Глас.

Марио Хосен е австриски виолинист кој свири на виолината на Гвадањињи (1749), со своите преферирани титаниумско соло жици Thomastik-Infeld. Познат е по својата неспоредлива виртуозност и волшебно сценско присуство. Тој настапувал на престижните сцени ширум светот заедно со врвните оркестри, вклучувајќи ги Лондонската филхармонија, Виенскиот симфониски оркестар и многу други. Со голема страст за светското музичко наследство, стручноста на Марио се фокусира на Николо Паганини, правејќи го како еден од најистакнатите толкувачи и авторитети за изведување на музиката на Паганини.

Тој роден во Пловдив, Бугарија, чија виртуозност му носи признание на престижните сцени ширум светот, а синоќа Хосен ја остави публиката без здив со Четирите годишни времиња од Антонио Вивалди, како и виртуозното дело од Никола Паганини – „I Palpiti“ едно од најтешките 10 дела за изведба на виолина.

Камерниот оркестар „Профундис“ е уметнички состав кој постои веќе три години, чии цели се промоција на квалитетот и особеноста на изразот со посебен акцент на оригиналноста на сите концертни изведувања. Во него членуваат едни од најистакнатите македонски инструменталисти што се дел од двата професионални оркестра во земјава – Националната опера и балет и Националната филхармонија.

Фото: Соња Танеска / Оливер Настевски