Донација за МВР од Мисија ОБСЕ - Секторот за оружје доби нови возила

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Килиан Вал, денеска присуствуваа на предавањето на возила донирани од ОБСЕ за потребите на МВР.

Донацијата е реализирана во рамки на проектот „Помош на националните власти на Република Северна Македонија во намалување на ризикот од пролиферација на оружје и злоупотреба на мало и лесно оружје“ (МЛО), соопшти МВР.

Како што изјави министерот Спасовски, целта на овој проект е да се обезбеди поддршка на институциите за спроведување на законот во развивање на деполитизирани, професионални капацитети, со способност за справување со транснационални закани и организиран криминал, во согласност со меѓународните демократски начела и стандарди за човекови права.