Денеска е Св. Кирил и Методиј - Ден на сесловенските просветители

Овие двајца светители се посебно важни за словенските народи. Родени се во Солун, во деветтиот век, во видно византиско семејство. Свети Кирил кој пред да стане монах се викаше Константин ги помина сите степени на тогашната наука.

Брат му, пак, беше повеќе години управник на една област во струмичко. Двајцата имаа неколку мисии, што се опишани во Панонски легенди, двајцата беа монаси и двајцата се упокоија надвор од своето родно место, имајќи го целиот свет за свој дом, за мисионерско поле.

За Словените се важни не само затоа што им ја дадоа азбуката, туку и затоа што ги доведоа пред вратите на вистинската просвета, т.е. пред Христа (во црковнот речник крштението најчесто се нарекува просветување).

Словенските народи нив им ја должат својата писменост и кириличното писмо кое денеска се користи кај нас во Македонија, во соседна Србија, потоа во Бугарија, но и во Украина, Белорусија, Русија, како и во дел од поранешните републики кои спаѓале во Советскиот Сојуз, на пример Казахстан. 

Тие се заслужни за изумување на глаголицата, првата азбука искористена да се препише старословенскиот јазик. Овој знаковен систем подоцна е упростен и наречен кирилица, од страна на Св. Климент. 

Азбуката, како што ја знаеме денес, се заснова врз знаци од грчкото писмо, како и од првата глаголица која ја напишале браќата Кирил и Методиј. Во одредени јазици има и разлики и уникатни записи, но благодарение на Св. Кирил и Методиј, чие дело го славиме денес, како и на нивните ученици кои подоцна го упростиле знаковниот систем, денеска секој што ја знае кирилицата може слободно и без проблем да чита, а и помалку или повеќе да ги разбере сите останати јазици од словенската група.