Дејвид Бекам го отстапува својот профил на Инстаграм на докторка од Украина

Дејвид Бекам, кој е амбасадор на УНИЦЕФ, одлучи својот профил на Инстаграм да го предаде на докторка од Украина. Истото го направил и со страницата на Фејсбук. 

Профилите на Бекам вчера беа исполнети со фотографии и видеа во чиј фокус беше работата на детскиот анестезиолог и шефица на регионалниот перинатален центар Ирина среде воениот конфликт.

„Работиме 24/7, не сме излегле од болницата. Веројатно ги ризикуваме нашите животи, но воопшто не мислиме на тоа. Си ја сакаме работата. Лекарите и медицинските сестри овдека плачат, се грижат, но никој нема да се откаже“, вели Ирина.

Докторката е од градот Харков, кој често е изложен на напади. Токму ова е причината што во изминатите денови профилите на Дејвид Бекам се исполнети со содржини од Украина, од родилишта и оддели за неонатална нега.