Царинската управа: Запленети 20 илјади евра, македонски државјанин сакал да ги внесе во државата без да ги пријави

Царинските службеници на Табановце во текот на минатиот викенд запленија речиси 20 илјади евра, што македонски државјанин имал намера нелегално да ги внесе во државата. Непријавените девизи се откриени при детаљна контрола на возилото со кое лицето патувало.

Имено, на 22 октомври, македонскиот државјанин, кој управувал со возило со шведски регистарски таблички, на влез во државава изјавил дека со себе има само 10-ина илјади евра, иако носел вкупно 29.950 евра. Поради постоење сомнеж, царинските службеници извршиле детаљна контрола и притоа зад возачкиот штитник за сонце и во просторот помеѓу предните седишта откриле поголем износ на девизи, што лицето не ги пријавило и за нив не поседувало документ за потекло.

Во согласност со Законот за девизното работење, на патникот му се вратени 10 илјади евра, а другите 19.950 евра се привремено задржани и  во согласност со регулативата ќе бидат предадени во Народната банка. Против лицето е поднесена пријава за сторен девизен прекршок.

Царинската управа известува дека при секој влез во државата патниците може слободно да внесат девизи во износ до 10.000 евра од лице. Доколку се внесуваат ефективни странски пари – девизи над 10.000 евра, лицата се задолжени да ги пријават на царинскиот орган.