Цариник и фирма кривично ќе се гонат за случајот со шверц на мобилни телефони

Секторот за контрола и истраги при Царинската управа поднесе кривична пријава против правното лице и управителот поради постоење основано сомнение дека сториле кривично дело царинска измама по член 278-а став 2 в.в. со став 1 од Кривичниот законик.

Исто така, Секторот за професионална одговорност при Царинската управа поднесе кривична пријава против царинскиот службеник поради постоење основано сомнение дека сторил кривично дело злоупотреба на службена положба и овластувањето, казниво по член 353, став 4 в.в. со став 1 од Кривичниот законик.

Кривичната пријава против правното лице и управителот е поднесена поради основано сомнение дека пријавениот сторил кривично дело царинска измама на начин што пријавениот се обидел да увезе стока што се разликува од стоката во царинската декларација што била царинета и со тоа му нанел штета на буџетот на РСМ, информираат од Царината.

Кривичната пријава против царинскиот службеник, како што појаснуваат, е поднесена поради сомнение дека пријавениот сторил кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувањето на начин што со неизвршување на својата службена должност не постапил во согласност со важечките закони и прописите на Царинската управа и овозможил наплата на царински и други давачки во помал износ отколку што реално требало да се наплати и со тоа му нанел штета на буџетот на РСМ.

Исто така, против царинскиот службеник е поднесена суспензија на работното место.

Царинската управа, како што стои во соопштението, испраќа јасна порака дека има искрени заложби во борбата за нулта толеранција за криминалот и корупцијата и дека секој што грешил пред законот мора да одговора.