Бислимоски: Блок тарифите за струја нема да се променат, тие даваат резултат – има заштеди од 16%

Нема да има промена на опсегот на четирите блок-тарифи за електричната енергија на регулираниот пазар и покрај забелешките на ММФ.

Ова вчера во емисијата „Отворено 24“ на ТВ 24 го потврди претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски.

– РКЕ го носи тарифниот систем и кажува во кој опсег ќе се блок-тарифите. Да, има забелешки од ММФ дека блоковите треба да се намалат, но одговорно тврдам – блоковите и нивниот опсег нема да се намалат. Не е тоа решение. Блоковите даваат резултати. Воведената реформа има ефект и има заштеди од 16 отсто. Дури и тоа што беше потопла зимата има удел, но сепак до овој процент е стигнато со штедење на домаќинствата и факт е дека потрошувачката е намалена, рече Бислимоски за ТВ 24.

Целта на воведувањето на блок тарифите беше поправедна наплата на потрошената електрична енергија, по принципот – кој троши повеќе да плаќа повеќе, а кој троши помалку, да плаќа помалку.

Реформата, според анализите е успешна, блок тарифите даваат резултат и ја постигнуваат целта за рационално користење на електрична енергија.