Биле скарани, а убиството се случило поради банална работа околу куќата - Детали за трагедијата во Гевгелија

Јавното обвинителство со детали за двојното убиство што синоќа се случи во Гевгелија. 

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија извршил увид на лице место. 

„Според првичните информации, мотивот за двојното убиство се нарушени меѓусебни односи на двајцата браќа, кои кулминирале заради банална расправија во врска со работи на заедничката куќа. Сторителот е лишен од слобода и во текот на денот ќе следи постапка“, се вели во соопштението од Обвинителството.

Од Обвинителството додаваат и дека обвинителот ја очекува кривичната пријава во текот на денот. 

Повеќе детали во врска со овој случај ќе бидат објавени попладне.

Претходно од МВР информираа дерка двојно убиство се случило вчера во Гевгелија.

69-годишниот В.Г. од Гевгелија се сомничи дека вчера вечерта ги усмртил брата си Л.Г. (71) и снаата Т.Г. (62).

Од СВР Струмица информирале дека синоќа околу 19 часот полициски службеници го лишиле од слобода В.Г. кој пред влез од куќа во Гевгелија со пиштол пукал кон неговиот брат и снаа, кои починале на местото на настанот.

Смртта кај сопружниците ја констатирал лекар од Итна медицинска помош од Гевгелија, а лицето е задржано во Полициската станица во Гевгелија и од него било одземено оружјето со кое го извршил убиството.

Увид на местото на убиството извршил јавен обвинител и увидна екипа од гевгелиската полиција.